Џебниот анти-паметен телефон од Русија

Русија одамна бара место на над-конкурентниот пазар на мобилни технологии.

Наместо да направи пробив со помоќни, подостапни или иновативни модели на смартфони, сепак, руската компанија Elari создаде CardPhone.

паметен-телефон

Пронајдокот е со големина на кредитна картичка, а на прв поглед изгледа повеќе како калкулатор со Bluetooth, отколку како телефон.

Уредот тежи само 42 грама и може да работи како самостоен мобилен телефон или како прилог на традиционалниот смартфон.

Главната предност на Elari CardPhone е можноста за синхронизација со мобилни уреди базирани на iOS и Android – така телефонот може да дејствува како back-up уред, во случај вашиот iPhone да остане без батерија.

Самиот CardPhone има посебен слот за microSIM-карта и располага со именик со 500 контакти.

Анти-смартфонот (како што го нарекува производителот) има убав дизајн – тастатурата зазема 2/3 од просторот, а е целосно покриена од монолитно парче гума со мали вдлабнатини околу копчињата.

Останатиот дел од предниот дел е одвоен за монохроматски екран со големина од 1,1 инчи. Задниот панел е исполнет од матирана пластика во четири бои: црна, бела, сина и портокалова. Димензиите на телефонот се едвај 86 x 48 x 5,5 mm.

Очигледно димензиите на CardPhone ги принудиле дизајнерите да направат компромиси со дел од функционалноста – батеријата од 220 mAh издржа само 3 деноноќија во режим на мирување и 3 часа во режим на разговори.

CardPhone може да го управува музичкиот плеер на смартфонот, има свој диктафон, будилник, калкулатор, неколку звучни профили за различни ситуации, базни подесувања и функцијата Anti-Lost (сигнал за известување при губење на Bluetooth-поврзувањето) .

По желба можете да читате и праќате sms пораки, иако ситниот екран ја прави оваа функционалност прилично непријатна.

Телефонот има свои недостатоци – за да можете да го полните, треба да си носите специјален приклучок, кој виси од задниот капак на уредот, потоа се вклучува во електричната мрежа со miniUSB-кабел.

Квалитетот на звукот и чувствителноста на микрофонот исто така не можат да се дефинираат како особено високи.

Благодарение на својата компактна големина CardPhone може да се вклопи во секој џеб или дури и во паричникот. Тоа е телефон со основни функции за особени ситуации во кои не можете да го користите вашиот главен смартфон.

- Реклама -