Пламна олимпискиот оган: Олимписките игри и официјално отворени!

Олимписките игри во Лондон и официјално беа отворени во рамките на четиричасовната спектакуларната церемонија откако нивниот старт го означи кралицата Елизабета Втора.

Олимпискиот оган за првпат во историјата беше запален од повеќе лица во исто време, овој пат од најталентираните седум млади спортисти на Британија. „Ти благодарам Лондон за гостопримството кое му го покажуваш на светот, на сите овие различности, обиденети во спортот. Верувам дека долго по крајот на овие Игри ќе се зборува за нив.“

„Олимписките игри се враќаат дома вечерва затоа што оваа земја која премногу го сака спортот е всушност колевката на модерниот спорт и на вредностите на ова движење уште од времето на Кубертен“ – истакна претседателот на ИОК, Жак Рог во својот говор во рамките на церемонијата, притоа повикувајќи ја кралицата Елизабета Втора и официјално да ги отвори 30-те Летни Олимписки игри.

Кралицата Елизабета пред 36 години, како суверен на Канада ги отвори Игрите во Монтреал, а сега го направи тоа и во градот во која е сместена нејзината палата. Нејзиниот татко, пак, ги отвори претходните Игри во Лондон, во 1948 година. По отварањето на Игрите следеше олимписката химна дополнета со подигнувањето на олимпиското знаме, чест која му припадна на легендарниот Мухамед Али.

По 20.000 минати километри олимпискиот факел стигна до Олимпискиот стадион носен од Дејвид Бекам, а потоа пренесен од повеќекратниот олимписки шампион Стив Редгрејв, единствениот спортист кој има злато на пет едноподруго Олимписки игри…

По влезот во Олимпискиот стадион факелот им беше предаден на група млади талентирани британски спортисти, кои беа номинирани од најголемите спортски ѕвезди во Британија, наспроти очекувањата на светот на крајот да се појави некое славно име.

Ова е првпат во историјата повеќемина, во случајов седуммината млади спортисти, да ја добијат честта да го запалат олимпискиот оган согласно со паролата „Инспирација за генерацијата“.

Откако огнот пламна, сето тоа беше заокружено со огномети од 205 места на врвот од стадионот, по еден за секоја нација, и сето тоа пратено од музиката на Пол Мекартни и славната „Хеј Џуд“ со што и се затвори церемонијата на свеченото отворање на Олимпијадата која траеше речиси четири часа.

- Реклама -