За време на Првата светска војна, елитни групи италијански војници – обучени за борба во смрзнувачки услови, беа распоредени високо во италијанските Алпи за да се борат против Австрија и Германија. На надморски висини поголеми од 1980 метри, борбите познати како „Белата војна“, траеле цели три години. Сега, еден век подоцна, мразот полека се топи, а со тоа го открива и она што до сега се криело под него – а тоа е права хорор сцена полна со вековно стари, перфектно презервирани мртви тела на италијански и австриски војници.
„Големото топење“ започна во 2004-тата и уште веднаш беа најдени телата на три хабсбуршки војници. Оттогаш, речиси секое лето, растопениот мраз открива редовно открива нови и нови лешеви – повеќе од 80 до овој момент. Се проценува дека повеќе од 150.000 луѓе загинале на Алпскиот фронт и не сите во борба. Напротив, суровите услови биле далеку покобни отколку самата борба – повеќе од две-третини од војниците загинале од лавини, измрзнување или болест.
Очекувано, не се само мртвите тела скриени под мразот. Колку повеќе се топи мразот, толку повеќе воени реликти излегуваат на виделина, вклучувајќи ги и сложените тунели и бункери што биле градени директно во мразот и снегот. Археолозите наоѓаат фотографии од војници со нивните семејства, писма и дневници, шпилови карти, па дури и смрзната храна.
Од друга страна, и таму се случува нешто налик на нашата „Фаланга“. Археолозите имаат проблем да ги претркаат „дивите копачи“ и први да стигнат до артефактите. Многумина храбри среброљубци целосно се посветени на нивно наоѓање и откопување, а потоа ги продаваат, најчесто онлајн, како стари колекционерски предмети.
И покрај добрата презервација, речиси невозможно е телата да бидат идентификувани. Сепак, паднатите војници, откако се проучени од археолозите, добиваат почесни воени погреби, како оној во 2013-та, кога дури 500-тина луѓе присуствувале на погребот на двајца војници загинати во битката кај Пресена, во мај 1918-та.