Откако Унгарија постави жичана ограда на своите граници со Србија и со Хрватска, а потоа Хрватска, Србија и Македонија почнаа селектирано да ги пропуштаат само бегaлците од воените подрачја, од утрово и Македонија започна со поставување на ограда долж границата со Грција.
Рано утринава, инженерските единици на АРМ започнаа со поставување на метални столбови и жица на местата каде што мигрантите се обидуваат да ја поминат македонската граница, а се очекува дека целиот процес ќе биде завршен во текот на наредните 24 часа. Заштитната ограда ќе биде долга 4 километри.
Границата останува отворена за сите бегалци кои доаѓаат од кризните подрачја – Сиријци, Авганистанци и Ирачани, но со оградата ќе се затворат сите илегални патишта што досега ги користеа мигрантите.