Како резултат на одлуката за отстранување на комунистичките симболи во Украина и со одобрение од претседателот Петр Порошенко, статуата на Ленин во рамките на фабриката на пристаништето во Одеса беше „декомунизирана“ во Дарт Вејдер – главната фигура на „Мрачната страна“ на „Силата“ во филмската одисеја „Војна на Ѕвездите“ и, според Американскиот филмски институт, третиот најдобар филмски негативец на сите времиња.
По правило, скулптурата на Ленин требаше да биде срушена, но работниците од фабриката побарале да биде поштедена и заменета со друга. Така, бронзената основа со ликот на Ленин му послужи на познатиот украински скулптор Александар Милов, кој ја преработи во она што од вчера го краси дворот на фабриката – статуа на фиктивен супернегативец со вграден Wi-Fi сигнал во главата.
„Бронзениот Ленин е оставен внатре, за да можат благодарните или не баш благодарните потомци да го ексхумираат, ако е потребно“, се пошегува уметникот.