Бозата е ориентален напиток, стар повеќе и од илјада години. Иако израснавме по слаткарниците, денес, во ова модерно доба на вештачки пијалоци, бозата е прилично подзаборавена.
А за разлика од нив, вештачките пијалоци, бозата е природен и здрав енергетски напиток и полна со витамини. Содржи големи количини на витамин Б (Б1, Б2, Б3, Б6 и Б12), витамин А, витамин Е и железо. Се смета дека му дава енергија на организмот, а содржи и голем број корисни бактерии. Особено е корисна за спортистите, трудниците и тазе породените мајки.
Рецептот за боза е едноставен (или ако сакате: прост како боза) и без потешкотии можете да го припремите и дома.
Состојки:
– 5 л. вода
– 1 кг. шеќер
– 600 г. непросеано пченкарно брашно
– 30 грама квасец
Како се прави:
Пченкарното брашно прелијте го со топла вода и оставете го еден ден да отстои. Следниот ден варете го околу 2 часа, со повремено мешање. Кога ќе се олади додајте квасец, со тоа што претходно ќе го разматите во малку вода и ќе го оставите да нарасне. Добро промешајте ја смесата и оставете ја да преноќи. Следниот ден процедете ја и додајте шеќер. Добро мешајте додека шеќерот не се истопи.
Заради големата содржина на квасец, бозата не може долго да го задржи слаткиот вкус, бидејќи доаѓа до вриење и претворање на мешавината на квасецот со шеќерот во алкохол. Затоа, задолжително чувајте ја во фрижидер, но и припремете количина што ќе ја потрошите за релативно краток период.