Николо Паганини е сметан за веројатно најдобриот виолинист што некогаш живеел. Во пикот на неговата слава, пак, Паганини бил и лицето и опачината на европското лепче. Со други зборови, едни го сметале за музички гениј, други за музички бог, ама многумина биле убедени и дека Паганини е поданик на Ѓаволот и дека неговата виртуозност може да е производ единствено на тоа што му ја продал душата на господарот на мрачните сили.
Роден е на 27 октомври, 1782-та, во Џенова, Италија. Се вели дека неговата мајка отсекогаш сакала тој да биде познат виолинист, па оттаму и гласината дека токму таа го направила пактот со Ѓаволот, трампајќи ја душата на својот син за шансата да стане мајка на најдобриот во историјата.
Вака или онака, Паганини почнал да вежба на мандолина на возраст од 5 години, а на виолина на возраст од 7, и двете под инструктивна закрила на неговиот татко. Го имал првиот јавен настап на возраст од 11 години, во Џенова, а на 13-годишна возраст го испратиле да студира кај познатиот виолинист и учител – Алесандро Рола. Но, уште кога пристигнал, Рола наводно решил дека Паганини има толку многу вештина што тој немал што да го научи. Наместо тоа, го испратил кај неговиот сопствен учител, Фердинандо Паер. Ништо важно; по кратко време и Паер го препратил младиот гениј кај својот учител, Гаспарати Џирети.
Две години подоцна, на 15 години, Паганини почнал да свири соло тури. Изминала неполна година, а младиот гениј имал нервен слом, по што попаднал во утешните раце на алкохолот. Токму тука започнува неговата лоша репутација, покрај тоа што бил познат како „Ѓаволовиот виолинист“, на тежок коцкар, алкохоличар и бесрамен женкар. Сеедно, младиот виртуоз набрзо се опоравил, а откако поминал краток период како дворски виолинист на принцезата Елиза Бакиочи (сестрата на Наполеон), повторно почнал да концертира низ Европа.
Во своето време, Паганини бил неприкосновен изведувач и еден од првите големи виолинисти што јавно изведувале музички дела без да користат партитури, потпирајќи се стриктно на меморирање на самите дела. Во отсуство на ноти за читање, Паганини слободно се движел и танцувал по сцената, превиткувајќи го телото во хармонија со музиката. Тоа и неговите исклучително долги и тенки прсти, кои му овозможувале да свири три октави со една рака, му го заработиле прекарот „Гумен човек“. Наводно, Паганини свирел и светлосно брзо, по 12 ноти по секунда. Денес, постојат сомнежи дека тој всушност истовремено страдал од Марфанов синдром (заради физикусот и долгите прсти) и од Ехлер-Данлос синдром (исклучителна флексибилност).
Но, неговата генијалност не била лимитирана само на изведување и традиционални виолински вештини. Паганини помогнал и да се популаризираат одредени техники што се користат до ден денес, како на пример брзо одбивање на гудалото од жиците („bouncing“) и свирење со прсти по жиците („plucking“). Наголемо експериментирал со хармонијата во неговата музика, а некогаш намерно ги расштимувал жиците кога тоа му овозможувало полесно да отсвири некое дело.
Воглавно, Паганини претставувал впечатлива фигура. Бил висок и исклучително слаб, со впиени образи, многу долги прсти, бледа кожа, „огнен поглед“ и тенки усни на кои почивала „пакосна насмевка“. Најчесто бил облечен целосно во црно. Заедно со неговата виртуозност, фактот што виолината веќе долго била сметана за Ѓаволов инструмент и случката кога еден обожавател панично изјавил дека го видел Ѓаволот лично како му помага на Паганини да свири додека седел во публиката на концерт во Виена, не требало многу за и останатите да бидат убедени во она што гласините веќе го навестувале. Оттогаш, изјавите дека Паганини имал двојници што седеле во публиката или лебделе крај него додека свирел, дека имал рогови, дека имал копита, опашка и крваво-црвена облека, станале вообичаени. Според едно од најпретераните сведоштва, за време на еден настап, Ѓаволот предизвикал молња што удрила во слободниот крај од гудалото на Паганини.
Паганини отсекогаш бил болежлив и во текот на животот страдал од разни болести. Меѓу нив и сифилис во 1822-та, заради што бил третиран со жива, што пак подоцна предизвикало други здравствени проблеми. Во 1834-та бил дијагностициран со туберкулоза, од која закрепнал, но истата година, на 54-годишна возраст, ја загубил способноста да свири и се пензионирал од јавни настапи. Здравјето продолжило да му се влошува, а Паганини ги поминал последните години учителствувајќи (на кратко му бил учител и на познатиот полски виолинист Аполинер де Контски), за конечно да почине во Ница, Франција, на 27 мај, 1840-тата година.
Неговата смрт само ги подгреала сомнежите за неговиот наводен пакт со Ѓаволот. Имено, кратко пред неговата смрт, Паганини го одбил свештеникот што дошол да ги обави последните обреди. Се смета дека тоа го направил затоа што не верувал дека ќе умре и мислел дека е прерано за такво нешто, но се разбира, „чаршиските муабети“ зборувале за некои други причини. Починал една седмица по тој настан, а заради неговата долгогодишна поврзаност со Ѓаволот, црквата одбила да го погреба.
Четири години подоцна, и покрај сите гласини, папата Грегори XVI дозволил неговото тело да биде транспортирано и положено на гробиштата Ла Вилета во Парма, Италија, на 200 километри од неговото родно место во Џенова, каде што почива и ден денес.