Аста ла виста, мигранти!

Градоначалникот на пограничното градче Ашоталом, сместено на унгарско-српската граница, во стилот на Шварци им порача на мигрантите да не ни помислуваат да стапнат во неговото безмалку лично владејание. Во видеото како извадено од холивудски акционен филм, по демонстрацијата на обучените специјалци, хеликоптери, полициски возила и останат заканувачки инвентар, Лазло Тороцкаи зборува за тоа дека илегалното преминување на унгарската граница, како и оштетувањето на оградата која Унгарија во моментов ја гради, од 15-ти септември наваму ќе се смета за криминален акт и може да ве смести во затвор и/или да ви „купи“ неколкугодишно прогонство од територијата на Унгарија.

message4[1]

Низ затемнетите стакла на неговите „Терминатор стил“ очила, Тороцкаи ги известува мигрантите дека оградата/границата е чувана од илјадници полицајци и армиски војници, но и од „милитантни чувари и цивилни чуварски патроли“.

На крајот, проследено со Гугл мапа од мигрантската рута до Германија, шерифот од Ашоталом ќе порача: „Ако си илегален имигрант и сакаш да стигнеш до Германија, најкраткиот пат од Србија е преку Хрватска и Словенија. Не им верувај на лажливите трговци со имигранти – Унгарија е лош избор. А Ашоталом е најлошиот“.

Инаку, Тороцкаи е припадник на радикалното десничарско крило и е познат по неговите екстремистички барања Унгарија да си ги поврати териториите кои ги поседувала до Првата светска војна, а кои денес се надвор од нејзините граници.

- Реклама -