Backstreet Boys снимаат нов албум

Откако во април Backstreet Boys најавија дека планираат да се обноват, а во бендот конечно се врати и најстариот член, Кевин Ричардсон, денеска тие официјално соопштија дека сите петорица членови на популарната целосно машка група се заедно во студиото во Лондон и работат на нов албум.

Членовите исто така најавиле дека планираат следниот месец да одржат концерт во Њујорк, со кој ќе го промовираат новиот носач на звук. Концертот е закажан за 31 август, открил Еј Џеј Меклин, во интервју за Good Morning America на ABC.

Тоа ќе биде првиот настап на кој сите петорица членови ќе застанат заедно на сцена, во изминативе шест години. За снимањето на нивниот најнов музички материјал, Backstreet Boys работат со продуцентот Мартин Терефе, кој во минатото работеше со други звучни имиња, како Мери Џи Блајџ и Џејсон Мраз.

Новиот албум се очекува да се појави во текот на идната пролет, кога групата ќе ја прослави 20-годишнината од своето постоење. Backstreet Boys се оформија во Орландо, Флорида во 1993 година.

Тие со истиоимениот деби албум се стекнаа со огромна слава во текот на деведесетите години на минатиот век, односно во ерата на машките бендови. Осум години подоцна, по три студиски албуми и огромна фан-база, Ричардсон одлучи да го напушти квинтетот. Backstreet Boys снимија уште два албума по неговото заминување, а последниот This is Us, се појави во 2009 година.

{youtube}3KhQNkuA1y0{/youtube}

- Реклама -