Европскиот суд на правдата одлучи дека времето кое што работниците без фиксно или постојано работно време го минуваат до работното место и кон дома, по завршувањето, треба да се смета за работно време.
Кога таков работник ќе излезе од домот за да се сретне со првиот клиент или од работното место да се врати дома по состанокот со последниот клиент тој ден, времето коешто му е потребно да стигне на местото на состанокот не може да се смета за одмор, како што е дефинирано со директивата на Европската унија за работното време, утврдија судиите од европскиот суд на правдата во Луксембург.
„Директивата за работното време го дефинира работното време како период во кој работникот работи, му е на располагање на работодавачот и извршува активности или обврски, во согласност со законите односно практиката на земјата членка“, потсетуваат европските судии, предупредувајќи дека работниците без фиксно место за работа „изведуваат активности или обврски за време на тие патувања“, се истакнува во пресудата којашто ја цитира во петокот информативниот портал EUobserver.
„Доколку тие патувања не се земат предвид, со тоа се искривува тој принцип и се загрозува целта на заштитата на сигурноста и здравјето на работникот“, предупредуваат судиите од Луксембург.
Многу работодавачи тоа време досега не го сметаа за работно време, што би значело дека компаниите коишто, на пример, вработуваат негуватели, монтери за гасни постројки или продажни агенти, можеби ги кршат европските прописи за работното време, коментира BBC News.
Случајот го покрена најголемиот шпански синдикат Comisiones Obreras, жалејќи се на третманот на споменатите патувања во компанијата за инсталирање сигурносни системи „Typo Integrated Security“. Во компанијата сметаат дека нивните вработени во текот на патувањата со службените возила не ја работата својата работа пред првата односно по последната договорена работа во тој работен ден.
„Оддалеченоста меѓу домот на работникот и местото каде што ја извршува работата значително варираат и понекогаш надминуваат 100 километри, а за да се поминат тие потребни се и до три часа возење“, предупредуваат европските судии.
Случајот би можел да има последици врз примената на европската директива за работното време, со којашто работното време се ограничува на просечни 48 часа седмично, со минимален дневен одмор од 11 непрекинати часови по секои 24 часа.
Директивата беше усвоена во 2003 година, по долгогодишната дебата и силното спротиставување на Велика Британија. Лондон, така, ја воведе законската можноста да изземањето од задолжителниот одмор, според кој работниците може да бараат да работат подолго од пропишаниот европски максимум. Така, пресудата на европскиот суд би можела да стане предмет на расправа во британската јавности пред референдумот за членството во ЕУ, кој би требало да се одржи најдоцна до крајот на 2017 година, потсетува, EUobserver.