iPhone 5 пристигнува за еден месец

Apple има репутација на компанија што одлично ги чува тајните до последниот миг. Но, како и обично се случува одредени информации „случајно“ да се појават пред официјалното лансирање на некој нов производ.

Според медиумите кои се исклучиво ориентирани кон вести од светот на технологијата, Apple се подготвува за официјално да го најави излегувањето на својот нов телефон на 7 август, а производот би требало да биде претставен пред пошироката јавност на специјално организиран настан подоцна истиот месец (за да се судри со претставувањето на новиот мобилен уред од својот најголем конкурент – Samsung Galaxy Note 2). Се очекува новиот iPhone да се појави на пазарот во октомври.

Цена

Се очекува новиот телефон од Apple да го задржи опсегот на цени што го диктираше при излегувањето на претходниот модел iPhone 4S, т.е. во зависност од вградената меморија (32, 64, 128 гигабајти) цената ќе се движи од 39.000 до 62.000 денари.

Новиот iPhone

Според блогот ексклузивно посветен на култот на Apple9to5Mac, трендот најавен од огромната корпорација во именувањето на производите ќе продолжи и кај најновиот телефонски уред и логично следува дека по „Новиот iPad“ ќе се појави и „Новиот iPhone“, а не iPhone 5 како што сите очекуваат.

Дисплеј

AppleInsider објави дека производството на дисплеите е започнато уште од февруари, за да може да се достигне потребната квота до официјалното пуштање во продажба. На овој сегмент од новиот iPhone работат повеќе компании, вклучително и Сони и Тошиба. Но, и натаму останува мистерија какви димензии ќе има новиот дисплеј. Дел од прогнозите велат дека конкуренцијата одамна ги надмина 4,3 инчните дисплеи и Apple ќе мора да оди барем со 4 инчи, додека другите тврдат дека ќе бидат задржани традиционалните 3,5 инчи (8,9 сантиметри), бидејќи секакво зголемување може значително да ги намали перформансите на уредот што работи со iOS.

Спецификации

Иако Apple и Самсунг се во правна битка на повеќе боишта во светот, во однос на смешните патенти од американската компанија, сепак се чини дека Корејците ќе им „го позајмат“ својот А6 квад-кор процесор за новиот iPhone 5 на Apple. Самсунг и натаму останува многу важен бизнис партнер на Американската мултимилионска компанија.

Како и секогаш, формата на телефонот се става на прво место, па така, дизајнерите се труделе да го направат новиот iPhone колку што можат потенок, а неколку милиметри ќе им заштеди новата камера од Sony, којашто има подобрени сензори, помала величина и подобри перформанси од досегашните камери.

Дизајн

Новиот дизајн ќе биде потенок, полесен и позаоблен од iPhone 4S, а според извори блиски до тестерите на прототипот на iPhone 5, новиот мобилен уред би требало да има дисплеј од 3,999 инчи, со резолуција 640х1136 наместо досегашните 640х960. Екранот со широк формат „треба да го подобри искуството на гледање видеа, а компанијата планира да интегрира уште еден ред икони, вкупно 5“.

Камера

Она што се знае сигурно е дека новиот iPhone 5 ќе има камера од 10 мегапискели, а веќе претходно беше најавено дека Apple имаат патентирано нов концепт на 3D камера, што на корисниците ќе им овозможи да ги искористат напредните микро леќи, за додавање поголема длабочина и екстра димензии на фотографиите. Исто така, планирани се и напредни сензори за доловување на точноста на боите.

- Реклама -