Според некои проценки, дури 77% од децата редовно консумираат кофеин. Не, не зборуваме за пиење кафе – зборуваме за кофеинот за кој ни родителите, а ни самите деца не се свесни дека го има во еден куп од продуктите што ги јадеме и пиеме, продукти со кои децата неретко знаат и да претераат.
„Скриениот“ кофеин го има во дел од газираните пијалоци, топлото чоколадо, чоколадото со висока содржина на какао, ледените кафиња, зелениот чај, зелениот леден чај и енергетските пијалоци. Кофеинот го стимулира нервниот систем, што може да им пречи на децата во многу сфери од животот, особено во делот на сонот и потребната количина на одмор. Премногу кофеин може да предизвика аритмии, главоболки, несоница и мачнини. Под негово влијание, децата стануваат импулсивни и имаат потешкотии со концентрацијата, што пак може да доведе до проблеми со училишниот успех.
Па така, заборавете на чоколадното млеко пред спиење и настојувајте детето да го научите да пие само „чисто“ млеко (евентуално со малку мед и шеќер, колку да добие вкус). Исто така, најидеално е преку денот да пие само сокови добиени со цедење на свежо овошје, но и обична вода. Постојаното гасење на жедта со сокови и чаеви не е воопшто добро за детското здравје, но ниту за здравјето на возрасните.
Сличен е случајот и со слатките. Не можете баш да им ги забраните на децата, но можете да го ограничите бројот на чоколатца и грицки, а во контекст на темата, да внимавате на оние што имаат вкус на кафе т.е. содржат кофеин. Наместо тоа, настојувајте да ги навикнете децата да јадат суво овошје, бидејќи е многу поздрава варијанта. Поведете ги со себе кога одите да купувате и дозволете им сами да изберат кое суво овошје ќе го јадат тој ден. Изборот е голем, а згора на тоа, децата ќе се чувствуваат горди и задоволни што сте им доделиле таква одговорност, па и порадо ќе ја јадат поздравата варијанта.