Кристина Лозановска од Скопје е магистер по архитектура, која обожава да го искористи и улови секој момент за да фотографира.
За 365 таа ја раскажува својата приказна, а воедно зборува и за поврзаноста меѓу архитектурата и нејзиното хоби.
Кристина се заљубила во фотографијата уште од 10 годишна возраст – страст која и ја пренел нејзиниот татко, а потоа продолжила да ја развива во средношколските денови.
Таа раскажува дека сака фотографии во кои може да се почувствува некаква приказна, па најсреќна е кога ќе успее да ја долови.
„Најмногу од се сакам да фотографирам луѓе и градови, сегменти од градови, но најомилена ми е комбинацијата од двете: луѓе + архитектура. Исто така, обожавам фотографии во кои може да се забележи играта на светлината и сенките“, вели Кристина.
Во однос на техниката која ја користи, таа раскажува дека најчесто фотографира со мобилен телефон, бидејќи е секогаш крај неа, но тврди дека магијата се создава со аналогните апарати. Што се однесува до инспирацијата, урбаните средини и движењето во просторите за неа отвораат бројни перспективи.
„Апсолутно најмногу ме инспирираат урбани средини, полни со луѓе, токму поради магијата на целото движење што се одвива во тие простори. Се стремам да научам да ја доловувам таа урбана атмосфера на фотографии. Омилен дел од фотографиите на урбани средини ми е токму поставеноста, односно размерот меѓу луѓето и објектите, затоа што тогаш архитектурата станува многу „пожива“, а не е само „музејски експонат“. Не ми се допаѓаат панорамски фотографии од градови каде што не може да се забележи ниту едно живо суштество, стерилни се и здодевни. Од друга страна, апсолутно волшебни за мене се и напуштените објекти, најмногу поради сите слики што ми се создаваат во глава, замислувајќи ги случувањата кои некогаш се ткаеле на тоа место“, објаснува таа.
Нејзината работа можете да ја следите на Инстаграм.