Откако Православната црква се појави со став дека со практикување на јога се одрекуваме од православната вера, се крена голема прашина околу оваа тема.
Во соопштението на црквата стои дека јогата претставува фундаментално учење на Хинду религијата, има различни школи, индустрија, трендови и тенденции, и не претставува само еден вид на фитнес и затоа не треба да се практикува.
Сепак, ние стоиме зад ставот дека религијата самата по себе е учење за правилен начин на живот. Секоја религија во себе ги вклучува етиката и моралот, како и соодносот помеѓу здравото тело и здравиот дух.
Јогата самата по себе носи бројни бенефиции. Сето она што ни дава смиреност и здравје треба да се прифати, без разлика од каде доаѓаат корените. Оние кои вежбаат јога не се потчинети на Хиндуизмот и не се одрекле од православната црква, тие само успеале да пронајдат едно тивко катче во себе, каде ќе можат сосема да заборават на се и да се спознаат, притоа контролирајќи ја мислата и управувајќи го телото на здрав начин.
Во тој контекст, би сакале да се задржиме на петте главни компоненти на оваа дисциплина – правилни вежби (асани), дишење, релаксација, диета, позитивно размислување и медитација.
Во системот на вежбање на јога учењето има еден доста интересен и разумен принцип. Кај повеќето асани (вежби) се доведува одредена група мускули во состојба на ” висок напон “за десетици секунди.
Така станува возможно мускулот, натоварен до својот максимум, да ги мобилизира во најголема мера своите функционални способности. Со други зборови во таква ситуација метаболичките процеси се одвиваат најинтензивно. Затоа при максимално оптоварување на мускулот во случајот имаме минимално оптоварување на организмот како целина.
Друга непобитна вредност на јогата е дека на одредено влијание се подложуваат не само мускулите, туку и внатрешните органи. Како резултат на тоа се зајакнува не само нивниот тонус, туку и целокупната состојба на организмот. Затоа голем број вежби можат да бидат корисни при едни или други болести и на внатрешните органи.
Меѓу главните учења на јогата е верувањето дека нашето тело е наменето да се движи и вежба . Соодветно, недостатокот на доволно движење на мускулите и зглобовите, предодреден од начинот на живот, неминовно води до појава на болести и непријатност.
Основна максима на јогата е дека вежбите треба да се пријатни за оној кој ги извршува. При јога нема болка и непријатно оптоварување . Практикувајќи јога сами си ги поставуваме границите и прагот на оптоварување, кој не треба да биде многу висок или пак многу низок. Главно е тоа што вежбите треба да се корисни како за телото, така и за телото и умот.
Друга максима на јогата е дека вистинската релаксација се постигнува преку целосното активирање на мускулите, кое води до подмладување на телото и нервниот систем .
Не на последно место јогата е исклучително корисна не само за телесното, туку и за душевното здравје, бидејќи вклучува во вежбите и стекнување на вештини за позитивно размислување и медитација . Позитивното размислување, според учителите по јога, е клучот за совршено здрав и мирен ум.