Кога последен пат сте јаделе сладолед од грозје? Всушност, сте виделе ли некогаш сладолед од грозје? Вистински сладолед од грозје ќе најдете мнооогу тешко, а дури и оние вештачките се многу ретки. Има добра причина за тоа.
На интернет ќе налетате на една урбана легенда според која првиот сладолед од грозје бил обид на славниот сладоледџија Роберт Грин уште во 1986-тата, но наводно не успеал заради присуството на антоцијанин – молекула во самиот плод која спречува смрзнување. По цел век неуспеси, истото го пробал и Бен од славниот ланец слаткарници Ben and Jerry’s, со цел да ја фасцинира и освои неговата љубена Беки, сестра на неговиот бизнис партнер. Не знаејќи што точно прави, Бен во смесата за сладолед почнал да ја додава и лушпата на гроздовите – тоа го намалило нивото на антоцијанин, што пак предизвикало создавање на ладен крем дури и подобар од класичниот сладолед. Своето откритие прво го презентирал на Беки, која била тотално воодушевена, па дури и му дала да проба на своето куче. Но, на нивно изненадување, за многу кратко време кучето се струполило на земја и умрело. Двојката дури подоцна дознала дека грозјето е многу токсично за кучињата, по што ги информирале властите и фармацевтската индустрија, по што во 1982-та следувала забрана за производство на било какви ладни слатки од грозје – забрана која важи се до 2028-та.
Арно ама, оваа приказна нема многу врска со реалноста. Вистина е дека грозјето (како и сувото грозје) е токсично за кучињата, но не толку многу за да ги отруе во истиот момент, ниту пак е доволно токсично за да биде забранет одреден прехранбен производ, бидејќи тоа би значело дека истото требало да се случи и со чоколадото, авокадото или сувото грозје. Дополнително, контра-аргумент се и самите факти за начинот на кој антоцијанинот делува како своевиден антифриз.
Вистинската причина зошто нема често да налетате на сладолед од грозје е тоа што таквиот сладолед едноставно нема природен вкус. Да, свежото грозје има сладок и препознатлив вкус кога се јаде по зрна, ама тој произлегува главно од лушпата. Таа пак, многу тешко се преработува и сериозно ја нарушува самата текстура на сладоледот. Од тие причини, некои производители користат вештачки ароми, но без многу успех – затоа и се откажуваат и го тераат на минимум вкусот на грозје, како и самите потрошувачи.
ПС. Ако случајно познавате некој што ја знае тајната за сладолед од грозје, задолжително да ни пишете!