Пред точно дваесет и три години, една од најдобрите, ако не и најдобра генерација на фудбалери, неспортски беше елиминирана од Европското првенство, бидејќи и беа затворени вратите во Шведска, непосредно пред европската фудбалска смотра.
Политиката вмеша прсти во фудбалот, па Најдоски, Вујачиќ, Брновиќ, Јокановиќ, Југовиќ. Михајловиќ, Савичевиќ, Стојковиќ, Мијатовиќ и други ги заменија Данците, кои со освојувањето на титулата само потврдија дека Југославија можеше да завладее со Европа.
Начинот на кој оваа репрезентација беше вратена од својата база во Шведска боли и денес. Подготовките беа во тек, а странските новинари постојано им поставуваа прашања дали навистина очекуваат дека ќе играат на Еуро 1992. Иако во селекцијата немаше само Хрвати, кои самоиницијативно се повлекоа, на сите останати меѓу кои Словенци, Босанци, Срби, Црногорци и Македонци им беше забрането да учевствуваат на Европското првенство под изговор резолуцијата на Обединетите нации за воведување на санкции.
Елиминирана без минута поминато време на теренот, без борба, репрезентацијата беше дополнително понижена со малтретирање на стокхолмскиот аеродром, кога на авионите на ЈАТ не им била издадена дозвола за полнење на гориво. На крајот авионот сепак полета, па со тешки маки доби дозвола за прелетување до Белград, а како со гума беше избришана цела една репрезентација која можеше да дојде на европскиот трон и да се мери во фудбал со другите големи сили во Европа. Не е тајна дека тогаш многумина се плашеле од оваа репрезентација. Данска, која на крајот го освои Еуро 1992, играше со Југославија во група, каде се покажа дека ќе беа поразени.
Овие фудбалери ги поминаа своите најдобри години под санкции, не учевствувајќи ни во квалификациите за светското првенство, за да се вратат на теренот дури во Франција, но во залез на нивните кариери. Така фудбалот стана жртва на политиката и генерацијата на најдобрите фудбалери од Балканот какви уште долго нема да гледаме на домашните терени, беа исфрлени од игра,
Извор: Sportskacentrala.com
Дел од оваа репрезентација бил и Дарко Панчев. Тој започнува да игра облечен во дресот на Македонија, две години по осамостојувањето во 1993 година. Во времето кога требал да настапи на Еуро1992 под знамето на Југославија се сметал за најдобар стрелец на континентот со десет гола за групната фаза на квалификациите.
Странските медиуми, како причина за елиминацијата на репрезентацијата на Југославија ја наведуваат војната во Босна.