За време на викендите, родителите генерално ги носат своите деца по парковите, игралиштата, можеби во музеј, на шопинг или на релаксирачки викенд. Но, како што известуваат кинеските медиуми, сé повеќе родители се решаваат на малку поинакви активности – имено, тие со своите деца одат на специјални тури и излети по луксузни вили, со цел да ги мотивираат напорно да учат и да бидат богати за да можат да си дозволат луксузен живот.
Heming Island Resort and Spa, на пример, e компанија што овозможува вакви посети за кинеските семејства, а во понудата вклучува луксузни вили вредни и до стотици илјади долари. Трендот прераснува во моќна „алатка“ за родителите кои сакаат нивните најмили да пораснат со желба да бидат богати и успешни.
За време на излетите, родителите обично им зборуваат на своите деца дека богатството значи успех и дека ако работат напорно во училиште, а и потоа во животот, еден ден ќе можат да си дозволат да имаат сопствен убав дом, скапи автомобили и да станат дел од општествената елита.
Се разбира, ваквите материјалистички методи на воспитување од мали нозе наидоа на жесток „отпор“ во јавноста и на друштвените мрежи. Аргументите се дека ова е екстремен пример на воспитување, за разлика од нашите генерации кои растеја со учењето дека „среќата со пари не се купува“. Повеќето сметаат дека овие родители ги учат децата на погрешни и искривени вредности. „Таквото поимање на успехот подразбира дека и телото и душата ви се заложници на потрагата по повеќе пари“, е идејата што преовладува во многу од критички настроените коментари.
Сепак, и спротивниот табор има свои аргументи. Еден од поддржувачите напиша:
„Успехот навистина подразбира и правење на повеќе пари. Никако не е лоша работа ако луѓето станат богати и го реализираат својот сон, се додека тоа го постигнуваат преку легални средства. Ве молам немој да бидете премногу критични кон образовните методи на другите“.
А вие, што велите? Би го однеле ли вашето дете на ваква тура?