Уште два постхумни албуми на Ејми Вајнхаус

Откако на 6 декември минатата година излезе постхумниот албум со необјавени песни на починатата Ејми Вајнхаус, сега се собрани доволно музички материјали за уште два носачи на звук.

Нејзиниот татко Мич Вајнхаус во разговор за BBC 6 Music откри дека постојат планови за издавање на уште два албуми со досега необјавени нумери на Ејми Вајнхаус, а тоа, всушност, ќе биде продолжение на процесот на копање по „музичкиот шпајз“ на пејачката, што започна со минатогодишната компилација Lioness: Hidden Treasures.

Тој неодамна ја објави книгата Amy, My Daughter („Ејми, мојата ќерка“), а необјавениот музички материјал го опишува како огромен куп преработки, што не сака да ги објави само за да заработи од нив, затоа што, како што вели тој, не сака да им сервира ѓубре на нејзините бројни обожаватели. Но откако од купот ќе се издвојат најдобрите парчиња, тогаш може да се очекуваат нови постхумни изданија.

Последната од низата нови песни на Ејми се појави на 4 јули, а станува збор за дуетот со раперот Нас, насловен Cherry Wine, што ќе излезе на новиот албум на овој изведувач, Life is Good.

{youtube}WsbrrLOhxGo{/youtube}

- Реклама -