Холандија е позната како земја на цвеќето, а во мај, кога цветањето е во полн ек, шорум земјата се организираат натпревари во цветни аранжмани. Токму по ова е познато селото Ана Пауловна, на северот на земјата.
Во ова село живее и Рон ван Дијк. Тој е страсен за две нешта – цвеќе и Формула 1. Очигледно, овогодинешните „Денови на цвеќето 2015“ му дадоа можност да ги спои своите пасии во едно неверојатно дело. Имено, во својот двор, од зумбули направи Ф1 болид, и тоа оној на Торо Росо со број 33, кој го вози неговиот сонародник Макс Ферстапен.
Неговата мајсторија не остана незабележана. Тој ја освои наградата од публиката, а богами го освои и воодушевувањето од учесниците во најбрзиот тркачки циркус на светот.
„Какво ремек-дело од цвеќе“, реагираат од Ф1 тимот.