Џејмс К. Фланаган, книжевник од Њујорк, на своите внуци им остави едно трогателно писмо полно со совети и знаења кои Фланаган ги стекнал во текот на животот.
Гласи вака:
„Драг Рајан, Конор, Брендон, Чарли и Мери Кетрин, мојата драга и мудра ќерка Рејчел побара да запишам неколку совети за вас, она што сум научил во животот.
– Го почнувам ова писмо на 8 април, 2012-та година, точно на мојот 72 роденден.
Секој од вас е најубав дар од Бога, како за вашето семејство, така и за целиот свет. Секогаш сетете се на тоа, посебно кога се сомневате во себе и сте обесхрабрени.
Не плашете се од никого и живејте го животот со полни гради. Следете ги своите желби и надеж, без разлика на тоа колку се тешки и колку се различни од туѓите.
Луѓето често прават нешто различно од она што го сакаат или она што би требало, бидејќи постојано размислуваат што другите мислат или што имаат да кажат за тоа.
И запомнете уште нешто – луѓето кои нема да ви донесат супа кога сте болни или не се покрај вас кога сте во неволја, не се важни!
Сите ние сме само обични луѓе. Некои носат прескапа облека или имаат високи титули или моќ и мислат дека се над сите останати, но тие не се всушност така моќни како што изгледаат. Тие имаат исти сомнежи, стравови и надежи, јадат, пијат, спијат и прдат, исто како и сиот нормален свет.
Кога ќе пораснете и ќе имате деца, секогаш имајте ја на ум старата ирска поговорка: „Фалете ги децата и тие ќе цветаат!“.
Бидете добри и секогаш помагајте им на луѓето – особено послабите, оние кои се уплашени и децата. Сите тие носат некоја своја тага и потребно им е вашето сочувство.
Немојте да се придружите на војската или било која друга организација која ве тренира да убивате. Војната е зло. Сите војни се започнати од стари луѓе кои ги измамиле младите луѓе да се мрзат и убиваат еден со друг. Старците преживуваат, и како што ја започнуваат војната со пенкало и хартија, така и ја завршуваат.
Читајте книги колку повеќе можете. Тие се преубав извор на уживање, мудрост и инспирација.
Секогаш бидете искрени.
Патувајте секогаш кога имате шанса, особено додека сте млади. Не чекајте да имате доволно пари или да се поклопат коцките. Тоа никогаш, ама баш никогаш не се случува.
Изберете работа или професија која ќе ја сакате. Се разбира, ќе има и тешки моменти, ама работата мора да ви биде уживање.
Не викајте! Тоа никогаш не успева, а ве повредува и вас и другите. Секогаш кога сум викал, сум доживеал неуспех.
Секогаш исполнувајте ги ветувањата кои сте им ги дале на децата. Не велете „ќе видиме“ ако знаете дека одговорот е „не“. Децата очекуваат вистина, дајте им ја со љубов и добрина.
Никогаш не му кажувајте некому дека го сакате, ако тоа не е вистина.
Живејте во хармонија со природата: Излегувајте надвор, шетајте ги шумите, планините, морето, пустината. Тоа е многу важно за душата.
Прегрнувајте ги луѓето кои ги сакате. Кажете им колку ви значат, веднаш. Не чекајте да биде предоцна.”