23-годишен маж од Велика Британија е во центарот на мистерија за која раскажува новиот број на списанието Journal of Medical Case Reports.
Пациентот е во заробеништво на чувство на „дежаву“, што трае веќе 8 години и ги изненадува невролозите, запознаени со неговиот случај. Мажот кој пред ова страдал од ситни нервни растројства и има слични проблеми во семејството, почнал да доживува силни чувства на „дежаву“ во 2007 година, кога како студент зел LSD. Некои од епизодите биле со времетраење не повеќе од неколку минути, но други биле многу долги.
Пациентот им раскажал на лекарите дека се чувствува „заробен во маѓепсан круг на времето“ и бил „многу исплашен“. Тој престанал на гледа телевизија, да слуша радио и да чита весници, бидејќи сметал дека нивната содржина е како произлезена од неговите спомени. Како што може да претпоставите, тоа ја направило неговата криза уште потешка.
Наместо да доживува малку загрижувачки симптоми кои обично се поврзуваат со чувството да е нешто веќе доживеано, тој се жалел дека се чувствувал како настаните да не се само познати, туку буквално извадени од неговата меморија.
Обично се смета дека причината за појавата на овој феномен е привремена невролошка грешка при обработката на информации, која не поттикнува да помислиме дека моментот сме го виделе или правеле претходно.
Според научниците, ова може да биде прв случај кога симптоми на „дежаву“ се предизвикани од нервни растројства и загриженост. Сега тие ја нарекуваат дијагнозата „психогенично дежаву” и допрва ќе се обидат да ја откријат врската помеѓу ова чувство и други психички растројства.