Македонската кошаркарска репрезентација максимално подготвена влегува во вечерашниот дуел со Ангола (23 часот), прв во рамките од предолимпискиот турнир што се одржува во Каракас, Венецуела.
Променливите игри во подготовките се должеа на малиот број заеднички тренинзи на сите кошаркари, но селекторот Лазовски е оптимист дека тој проблем е надминат и дека националниот тим повторно ќе биде во топ-форма, како што тоа беше случај на Евробаскет 2011 во Литванија.
„Сакаме на ОИ во Лондон, но не смее да нè фаќа еуфорија. Одиме чекор по чекор. Сега мислиме само на Ангола и на ништо друго. Свесни сме дека само со тимскиот дух кој нè красеше во Литванија, можеме до остварување на сонот“ истакна Лазовски.
Стручниот штаб во изминатиот период ја анализираше играта на противниците, па така селекторот многу добро знае што да очекува од кошаркарите на Ангола.
„Имавме можност подетално да се запознаеме со играта на оваа репрезентација и можам да кажам дека се доста незгоден противник. Имаат проблем со висината, но од друга страна се физички многу силни, многу агресивни, агилни и играат цврста одбрана. Сепак, мислам дека можеме добро да одиграме против тоа и ние ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил, а со тоа и да стигнеме до првата победа“ заврши Лазовски.