„Политичката коректност“ го утепа хуморот

Толку се самоцензурираме, што очигледно секоја шега во последно време стана предмет на анализа, дали е навредлива за некого.

Стануваме очајни и кришум ја прекриваме устата откако ќе изговориме нешто што е „политички некоректно“, небаре ни се заканува јавен срам, па учтиво и исклиширано треба да ги избираме зборовите, во секоја прилика.

Уште еден ваков пример доаѓа од „слободната“ Америка. Имено, се враќаме наназад на Оскарите кога актерот и режисер Шон Пен ја искоментира својата шега на сметка на имигрантите за време на свеченоста.

За оние кои не се сеќаваат, Пен при доделувањето на Оскарите за најдобар филм искоментира: „Кој му дал зелена карта на овој кучкин син?“, за потоа да го прочита името на победникот „Човек-птица“.

Коментарот се однесува на тоа што режисерот  Алехандро Ињариту е Мексиканец, па многумина се пронашле затекнати дека ова е неправедно за имигрантите.

„Мене тоа ми беше бескрајно смешно. Шон и јас го имаме тој вид на брутална врска, во која само вистинското пријателство може да преживее“, рекол Ињариту по доделувањето на Оскарите.

Ињариту работел со Пен на филмот „21 грам“ во 2003 година и од тогаш тие се блиски пријатели.

„И јас се шегувам грубо на негова сметка“, додал Ињариту.

Кај и да е, очекуваме законски да се забрани и „црниот хумор“, или да се ограничи слободата на говорот, ставајќи во рамка одредени вечно загрозени групи, кои нема да смејат да бидат исмејувани.

- Реклама -