Mitsubishi го откри дизајнот на идниот ASX

Mitsubishi не го дочека стартот на автосалонот во Женева и предвреме ги понуди првите фотографии и детали за компактниот концептен модел XR-PHEV II.

Сериската верзија на автомобилот ќе биде следната генерација на ASX, а дизајнот ќе биде искористен и за други идни кросовери на брендот.

Новиот концепт XR-PHEV II претставува продолжение на моделот XR-PHEV прикажан во 2013 година на автосалонот во Токио. Димензиите на машината се должина од 4.490 милиметри, ширина – 1.890 и висина – 1620 mm. Растојанието помеѓу двете оски е 2.670 mm, а кросоверот е изграден на платформата GS, развиена со помош на Chrysler. Автомобилот има погон на сите четири тркала и се потпира на хибридна комбинација. Во него влегуваат бензински турбо-мотор за предната оска и електромотор со моќност од 163 КЅ за задната. За бензинскиот агрегат засега не се откриваат детали, но кај XR-PHEV тој беше со зафатнина од 1.1 литри. Литиум-јонските батерии се со капацитет од 12 kW/h, а од компанијата тврдат дека нивото на штетни гасови СО2 кај моделот ќе биде околу 40 g/km.

Останатите детали за машината ќе станат познати во Женева. Очекувањата се дизајнот на хибридниот кросовер да биде искористен не само за следната генерација на ASX, туку и за обновениот Outlander, кој најверојатно ќе се појави подоцна оваа година или на почетокот на следната.


- Реклама -