Kinect во автомобили?

Ако може да му се верува на еден оглас за работа објавен од Microsoft во иднина би можеле да видиме сè од Kinect до Windows 8 во возила.

Иако тешко е да се поверува дека Microsoft размислува за поставување Kinect во автомобил, компании како BMW и Mercedes-Benz активно работат на контроли базирани на гестови за нивните автомобили. Со оглед на тоа што Kinect е токму технологија за детекција на движење а Microsoft има голем број партнери во автомобилската индустријата, не би било изненадување ако дојде до соработка.

Ова би било прв обид на Microsoft за влез во автомото светот. Windows Embedded архитектурата е имплементирана од голем број производители, како Honda, Nissan, Aston Martin и BMW, а неодамна Microsoft оствари и партнерство со Ford за лансирање на Sync системот, UVO системот на Kia и Blue&Me навигацијата во Fiat.

Но овој нареден чекор би бил подрастичен. „За следната генерација на Connected Car Platform планираме да ја искористиме целата наша моќ, вклучувајќи Kinect, Windows 8, Windows Phone, Windows Live, Bing, Azure и Tellme. Оваа комбинација ќе ги претвори утрешните автомобили од пасивни предмети во интелигентни асистенти за возачот и патниците.

Kinect е контролер кој Microsoft го разви за Xbox 360 и првпат го претстави во 2010 година за конзолата а оваа година претстави и PC верзија. Системот ги користи движењата на корисникот без потреба од користење на контролер. Нема потреба за грижа бидејќи ваквата технологија најверојатно сè уште нема да го замени управувачот во автомобилот.

{youtube}LCcjpAVHh_g{/youtube}

Идејата на Microsoft е да создаде автомобил кој ќе ги препознава луѓето и ќе се адаптира на нивните потреби. Автомобилот ќе ги учи навиките на возачот и ќе нуди персонализирани контекстуални информации и помош во возењето за да му помогне да стигне до својата дестинација што е можно побрзо.

- Реклама -