6-годишниот Глен останал со скршено срце откако ниту еден од соучениците не му дошол на роденденската забава. Неговата мајка – Ешли, пратила покани до родителите на сите 16 деца од одделението, а и покрај тоа што не добила ниту еден одговор, надежта дека сепак некој ќе се појави не ја напуштила.
Но, за жал, тоа не се случило. Таа вели дека изразот на лицето на Глен, кој има аутизам, кога таа му ја соопштила веста, ја „убил одвнатре“. Лута и разочарана, се обратила на локалната Фејсбук страна на Осцеола, Флорида, наменета за поплаки:
„Знам дека ова може да е смешна причина за поплака, ама срцето ми се кине за син ми… Го поканивме целиот клас (16 деца) на неговата денешна роденденска забава. Ниту едно дете не дојде“.
Одговорот што таа го доби од добрите луѓе од Осцеола нема да ве остави рамнодушни.
Реакциите пристигнувале како лавина. Локалните прашувале дали може да наминат за да му посакаат среќен роденден на Глен и да му остават подарок. За само неколку часа, 15 деца и 25 возрасни се појавиле на забавата. Една жена му подарила нов велосипед, а друг гостин го фотографирал семејството на славеникот и потоа им ги дал фотографиите.
И канцеларијата на локалниот шериф се приклучила на честитките. Тие го испратиле полицискиот хеликоптер да ја надлетува забавата, а полицајците собрале пари и купиле подароци.
По неколку дена, градскиот противпожарен оддел наминал за да го посети Глен, посакувајќи му среќен роденден со задоцнување. Славеникот имал чест да седне зад воланот на противпожарниот камион, нешто на што многу деца ќе му завидуваат.
Една седмица подоцна, се уште немало ни трага ни глас од некој од родителите или соучениците на Глен. Но, како што изјави мајката, „веќе воопшто не и пречи“. „Убавината на тоа што сите се собраa за некој што не го познаваат – дете кому никој не му дошол на роденденската забава, ми го стопли срцето“.