Робот-батлер: Земи си што и да ти треба, без да станеш

Конечно, се чини дека првиот достапен (во однос на цената) роботски батлер е на пат кон вашиот дом.

Ако некогаш сте сакале… всушност… Кога следниот пат ќе сакате да земете нешто без да мрднете од удобната позиција во која лежите на софата, Origibot ќе ви дојде како порачан.

Откако ќе се поврзете со него преку вашиот смартфон или компјутер, ќе можете да му дадете команда да ви донесе пиво, грицки или некој корисен предмет кој во моментот ви треба. Роботот има механичка рака со која може да ги зафати предметите како што тоа би го направила човечката.

Монтираниот таблет на роботот, од друга страна, ви овозможува да слушате и гледате се што гледа „батлерот“. А ако сакате, можете и да зборувате преку него.

За остварувањето на овој сон, на иноваторите им се потребни околу 18.000 долари. За сега, преку кампањата на indiegogo имаат собрано речиси 5.000$ (за само 4 дена). Крајниот рок е 17-ти март, а ако фундирањето заврши со успех, Origibot би требало да го очекуваме некаде во Август.

Шегата на страна, идејата зад роботот е да им се помогне на оние на кои навистина им е потребна помош, како лицата со пречки во движењето и слични болести и повреди. Ете уште една причина да донирате, ако можете.

- Реклама -