Шпанскиот селектор Дел Боске повторно се реши за контроверзната тактика без ниту еден класичен напаѓач, со што Фабрегас ја имаше улогата на најистурен фудбалер пред противничкиот шеснаесетник.Иако неговите избраници тешко влегуваа во шанса за гол, максималната ефикасност на актуелните европски прваци беше главната причина поради која што оваа селекција успеа да слави над Франција.
Сосема неочекувано, Чаби Алонсо ја имаше улогата на херој на овој меч, откако искусниот фудбалер на Реал Мадрид постигна два погодоци на својот јубилеен 100. меч за националниот тим. Поранешниот член на Ливерпул прво маестрално се снајде и прецизно шутираше со глава по центаршутот на Жорди Алба во првото полувреме, за конечните 2-0 да ги постави во самиот финиш со удар од белата точка, откако Педро беше соборен во противничкиот шеснаесетник.
Со тоа Шпанија ја продолжи серијата добри резултати и се избори за пласман во полуфиналето, каде што ќе ја очекува дуел со Португалија предводена од Кристијано Роналдо. На Французите не им останува ништо друго освен да извлечат поука од овој пораз, сосема заслужен ако се знае дека пулените на Лорен Блан не успеаја да најдат начин да ги запрат Шпанците, но и да го загрозат голот на Касилјас, кој што за 90 минути игра имаше само една единствена интервенција.