Хактивистичката група Anonymous нападна најмалку 100 Твитер и Фејсбук профили, за кои се верува дека се поврзани со ИСИС.
Во операцијата под хаштаг #OpIsis, тие ја преземаа контролата врз многу профили за кои велат дека „ИСИС јавно ги користи за да го прошири нејзиното влијание и да регрутира нови членови“. Утрово, најголемиот дел од профилите сеуште беа суспендирани или недостапни, додека на некои од Твитер акаунтите сите твитови беа избришани.
Сето ова е резултат на неодамнешните предупредувања што Анонимус вети дека ќе ги исполни. Во јануари, членови на хакерската група „се заколнаа“ дека ќе лансираат онлајн кампања против ИСИС, како реакција на нападот на Шарли Хебдо.
Во видеото во кое Анонимус го објаснуваат потегот, велат дека нападот е извршен од Муслимани, Христијани и Евреи. Понатаму, тие велат дека „групата е составена од хакери, кракери, хактивисти, фишери, агенти, шпиони или едноставно твојот комшија. Студенти, администратори, работници, продавачи, невработени, богати, сиромашни. Млади, стари, геј или стрејт. Од сите раси, земји, религии и етникуми. Обединети како едно, поделени од никој“. Исто така, во видеото се вели дека „терористите што се нарекуваат Исламска Држава не се Муслимани“. Анонимус не пропушти ниту уште еднаш да се закани:
„ИСИС, ние ќе ве гониме, ќе ви ги урнеме сајтовите, профилите, мејловите и ќе ве изнесеме на виделина, од овој момент па натаму. Нема безбедно место за вас онлајн. Ќе бидете третирани како вирус, а ние сме лекот… Ние сме Анонимус; ние сме легија; не простуваме, не забораваме, очекувајте не“.