„Оскарите“ во последниве децении се синоним на холивудски престиж, профит и достигнувања во светот на филмот. Иако за многумина љубители на филмовите, особено за симпатизерите на европското кино, најдобар фестивал е Кан, никој не ги оспорува Холивудскиот гламур и филмската динамика.
Во исчекување на 87-то по ред доделување на американските филмски награди што претстои наскоро – на 22 февруари, ќе ве запознаеме и со своевидните шампиони на „Оскар” – филмовите, актерите и режисерите кои освоиле најмногу награди.
Само три се филмовите кои успеваат да освојат по цели 11 награди на Американската филмска академија во 87-годишната историја на овој трофеј.
Апсолутните шампиони се „Бен-Хур” (1959), „Титаник” (1997) и „Господарот на прстените: Враќањето на кралот” (2003).
Други два филма, од кои едниот повторно е „Титаник”, а другиот – „Се за Ева” (1950), пак остануваат во историјата на „Оскарите” со најмногу номинации – по 14 парчиња.
Сепак најдобар стрелец се испоставува дека е „Господарот на прстените: Враќањето на кралот”, бидејќи освои награди во апсолутно сите категории за кои е предложен – за најдобар филм, за режија, адаптирано сценарио, оригинална музика, оригинална песна, монтажа на звук, уметнички дизајн, шминка, костуми, монтажа и визуелни ефекти.
Мажот со најмногу „Оскари” во историјата на кинематографијата е легендарниот Волт Дизни со 22 освоени награди, а жената шампионка тука е … Едит Хед со 8 награди. Ако се прашувате која е таа, не, не се работи актерка, туку дизајнерка на костимите – сите нејзини награди се во оваа категорија.
Најмногу номинации во една година повторно има Волт Дизни – во 1953 година тој освои четири награди од шест номинации, а тоа се два одделни рекорди. Меѓу носителите на „Оскар“, кои освоиле најмногу награди се режисерот Џон Форд – со четири, како и феноменалната Кетрин Хепберн со четири „Оскари” за најдобра актерка.
Интересни се и земјите шампиони со најмногу награди во категоријата за странски филм. Севкупниот фаворит меѓу нив е Италија со 14 награди од вкупно 32 номинации. Најмногу номинирана сепак е Франција – со цели 39 номинации, од кои бројот на освоени награди изнесува 12.