Зошто се срамиме да плаќаме со железни пари?

Парата веќе одамна ја надмина улогата на платежно средство и стана симбол на моќ, важност и општествен статус. Ова неизбежно доведе до ситуација во која многумина се срамат да плаќаат со железни пари, до степен што би се одрекле од она што им треба. А сепак, железните пари се пари како и сите други, имаат вредност, и нелогично е да се стигматизираат. Па, која е причината за срамот од плаќање со монети? Психолозите и економистите се обидуваат да одговорат.

Од психолошки аспект, некои сметаат дека таквиот начин на плаќање на повеќето им е непријатен, затоа што ги става во фокусот на вниманието на другите. Најголем дел од луѓето имаат проблем со тоа сите да гледаат кон нив – не се навикнати, не се тој тип на личност, мислат дека ќе се посрамат или дека прават нешто погрешно. Од друга страна, кованиците се асоцијација на просјаци и сиромаштија, а луѓето не сакаат да бидат доведени во врска со таквиот статус. Броењето денар по денар буди чувство на срам и понижување пред другите, особено ако тој пред вас плаќа со илјадарки или картичка.

evra-sitni[1]
Еве што велат нашите сограѓани:

– Генерално е непријатно да плаќаш со ситни пари, бидејќи имаш чувство дека касиерката те гледа како да си сиромав. Дури и ако купуваш леб, ќе те погледне чудно. Можеш да ја ублажиш ситуацијата со „Ви требаат ли ситни пари?“ или шеговито „Таман да се отарасам од ситниве“, ама како и да ја свртиш работата, знаеш дека те гледаат како бедник. – вели Ивана М.

– Мене не ми е срам. Единствено ми пречи што го задржувам редот. Додуше, ако до мене стои некоја згодна девојка, малку ми е бламажа да бројам ситно. Ама тоа е. – Марко К.

– Не сакам да плаќам со ситни бидејќи се осеќам како беда. Иако монетите се валидно средство на плаќање, првата асицијација ми е сиромаштија. Просто, непријатно е. Парадоксот е што во земја со толку сиромаштија, луѓето се борат да изгледаат што помалку сиромашни пред другите. – Љупчо И.

– Еден ден на синот му дадов полна ќеса со ситни пари и му реков да оди да пазари. Тој прсна да плаче затоа што му било срам, а особено ако другарите го видат како ја носи таа ќеса. Го испокарав и го затрупав со совети, а за да му покажам дека нема ништо срамно, јас ја земав ќесата и отидов во продавница. Меѓутоа, попатно сфатив дека и јас се срамам. Ја оставив ќесата крај патот и платив со банкноти. Секако, нему му реков дека сум платил со ситните. – Никола Д.

denari-sitni

Некои од економистите сметаат дека срамот од плаќање со монети е делумно последица и од образовниот статус. „Често, луѓето кои не се високо образовани носат товар на срам од тоа да изгледаат сиромашно. Секако, сите ние сме огорчени што не сме платени колку што треба и соодветно на тоа колку сме школувани, ама срамот од плаќање со ситни пари е навистина излишен. Како и книжните, и железните пари се валидно средство за плаќање.“

Од аспект на касиерките, плаќачите со ситно не се баш популарни. „Па знаете, ме задржува и мене и редот зад него. Секако, ни требаат ситни пари, ама не по 200, 300, 500 денари. Додека јас тоа го избројам, некој муштерија од редот ќе се налути, особено ако брза. А и да ви кажам искрено, каков е тој човек што ми доаѓа со толку ситни. Без врска“.

- Реклама -