На напредниот Запад, каде ние сонуваме да припаѓаме, можно е да ве казнат за пребавно поминување на раскрсница. Токму од таа причина сообраќајната полиција од Пинероло, Италија, казни еден 85-годишен пензионер со бастун, додека се трудел да ја помине улицата. Со оглед на тоа што бил тешко подвижен, не успеал да ја исполни „мисијата“ додека траело зеленото светло, па црвеното веќе се запалило. Сообраќајната полиција тоа го интерпретирала како кршење на правилникот за учество во сообраќајот, па на лице место му напишала казна од 41 евро (28 евра ако е платена во рамките на рокот).
Згора на тоа, се работи за проблематична раскрсница на која и претходно се жалеле жители од Пинероло. Тие велат дека зеленото светло трае не повеќе од пар секунди, што на многумина не им е доволно за да ја преминат улицата, посебно на старите.
Казната предизвика бурни реакции во италијанската јавност, но и меѓу официјалните лица од владата. Градоначалникот рече дека ќе му ги рефундира парите од казната на пензионерот.
„Знам дека нашите полицајци се ревносни при извршувањето на нивните задачи. Во секој случај, ќе го посетам овој пензионер и ќе му ги рефундирам парите од свој џеб. Тоа е најмалку што може да се направи во оваа ситуација“.
Од друга страна, шефот на полициската станица цврсто стои зад тоа дека неговите полицајци реагирале во согласност со сообраќајните прописи.
„Во записникот фино пишува дека пешакот не преминал на зелено светло, така што казната е оправдана“, вели тој.
Со тоа пренесе порака дека и во иднина ќе ги казнува пензионерите кои во напор да ја преминат улицата на зелено, можат многу лесно да преминат на „другиот свет“.