Неколку совети за подобро „фаќање“ белешки

Една од најважните студентски вештини е таканареченото „фаќање“ белешки на предавањата. Константното пишување на сѐ што зборува профеосорот не е најважниот дел од овој процес. Постојат неколку трикови кои секој добар студент мора да ги знае.

Вештината на „фаќање“ белешки се базира на следниве неколку принципи:

Пишувајте повеќе, не помалку

На предавањата би требало да запишете што е можно повеќе детали кои ќе ви се неопходни да го сфатите материјалот. Секако, важно е и тоа што сте го запишале да биде добро обмислено, а истовремено, колку што е можно при брзо пишување, да се запази напишаното да има некоја структура која подоцна ќе ви го олесни следењето на она што сте го запишале. Оптималната должина на текстот од предавањето кое трае 45 – 60 минути е околу 3 или 4 страни од А4 формат. Секако, треба да се земе предвид материјата која се изучува. Не можете да запишете текст со иста должина на предавања од различни области.

Доаѓајте на предавањата информирани за тоа што ќе го слушате

Доколку распоредот на теми кои ќе се изучуваат во конкретниот семестар ви е достапен, олеснете си го следењето на предавањата и информирајте се околу темата со која ќе се занимавате. Тоа не значи дека треба однапред да го учите она што треба да го слушате, туку само да се запознаете со клучните поими. На тој начин подоцна ќе ви биде олеснето и организирањето на белешките. И уште нешто – секогаш бележете ги насловите на предавањата.

Запишувајте ги идеите на професорите, а не вашите

Студентите имаат тенденција во текот на предавањата да ги запишуваат своите прашања, мислења и двоумења. Во подоцнежната фаза тоа е корисен начин за да нешто си дообјасните. Но сепак, на предавњата држете се до она што го говори професорот, затоа што тоа е тоа што од вас ќе се бара да го знаете на испитот. Освен тоа, важно е да не ги прераскажувате зборовите на професорот кога користи стручна терминологија. Запишувајте ја новата терминологија, така полесно ќе ја запомните.

beleshki

Заборавете ги комплицираните системи за бележење

Без разлика што ви кажувале за разните напредни системи за фаќање белешки, во првичниот процес тие не ви се неопходни. Доволно е во подточки да го бележите она што професорот го предава. Потоа, додека учите, можете овие белешки да ги разработите во каков систем и да сакате, илустрации, подредување, мапирање итн. Најважно е кога ќе ги исчитувате белешките, тие да бидат доволно разбирливи.

„Фаќајте“ ги клучните работи кои ги напоменува професорот

Професорите често се обидуваат да нагласат некои делови од своите предавања користејќи фрази како „најважното околу оваа работа е… “, „ посебно е важно да се напомене…“ или „треба да се има предвид…“. Овие фрази треба да ви бидат „тригер“ за вклучување во предавањето, доколку сте изгубиле концентрација, и веднаш да го запишете секој изговорен збор, бидејќи логично е да се претпостави дека подоцна тие работи ќе бидат и главното барање на испитот.

Фокусирајте се на структурата

Секое предавање има своја структура: централна точка со низа од ставки кои ја градат. Бидете фокусирани на структурата, така што ќе знаете да препознаете која е главната, односно централната точка околу која гравитира предавањето, а кои се помошни подточки. Од своите белешки обидете се да најдете одговор на прашањата: Кој е главниот фокус на предавањето? Зошто професорот се одлучил баш за овие точки како централен фокус на предавањето?

/Данаучиме

- Реклама -