Потполно новата Mazda2 го освои и третото врвно признание пред да почне да се продава во Европа. Имено, по наградата за најдобар дизајн – Good Design Gold Award и титулата Автомобил на годината во Јапонија, овој субкомпакт се закити и со признанието Златен Волан.
Новата Mazda2 е избрана меѓу девет конкурентина основа на гласовите од над 300.000 читатели на весниците Bild am Sonntag, Auto Bild и сестринските публикации од 25 земји. Наградите на најдобрите беа доделени во Берлин, а маздиниот модел беше најуспешен во категорија A&B-сегмент. Инаку, ова е четврта титула од почетокот на избор на Златен волан за еден Маздин модел од 1976 година до сега, Mazda 323 ја доби наградата во 1985 и 1989, a Mazda 626 победи 1992.
Голем успех на овогодинешниот избор на најдобрите имаше Групацијата Volkswagen, од вкупно седум се здоби со шест награди, три за модели на Volkswagen – Golf GTE, Passat и Golf Sportsvan и три за спортските автомобили на Porsche: Macan S Diesel, 911 Targa и Cayman GTS. За прв пат во историјата на доделувањето на овие награди, еден производител победува во три категории. Golf GTE ја освои наградата во категоријата најдобар еколошки автомобил. Импресионирани од новиот Passat, гласачите и жирото одлучија тој да победи во средната премиум класа. Додека пак новиот модел Golf Sportsvan триумфираше во компактната категорија. Новиот Porsche Macan S Diesel блесна во категоријата (SUV) најдобро спортско корисно возило, Porsche 991 Targa триумфираше како најдобар кабриолет, додека пак Cayman GTS ја освои престижната награда во категоријата спортски автомобили.