Се одиграа натпреварите од второто коло и во групата Б. Португалија со судни маки успеа да извлече 3 бода против Данска и да остане во трката за место во четвртфиналето, додека шансите за пласман на Холандија се сведода на научна фантастика по вториот пораз, овојпат од Германија со 2:1.
Португалија славеше со 3:2 над Данска и си ги задржа шансите за пласман во четвртфиналето од ЕП 2012, најмногу благодарение на резервистот Варела, кој го постигна победничкиот погодок на три минути до крајот на средбата. Со тоа, овој црномурест фудбалер го спаси од остри критики Кристијано Роналдо, откако најскапиот светски фудбалер целосно потфрли на уште еден натпревар на националниот тим на едно големо натпреварување.
При водство на Португалија од 2:1 Роналдо имаше две стопроцентни шанси да зголеми на 3:1, но откако не ги искористи овие можности, казната стигна преку Бентнер, кој израмни на 2:2. Данците беа презадоволни од овој резултат и почнаа да се бранат, но ваквиот пристап им се одмазди откако Варела одлично се снајде во нивниот шеснаесетник и со прецизен удар од десетина метри го матираше Андерсен, кој беше принуден трет пат да ја вади топката од сопствената мрежа.
{youtube}gAW5kFcqmDQ{/youtube}
Германија е првиот сигурен учесник во четвртфиналето од ЕП 2012, откако актуелниот вицешампион славеше над Холандија со 2:1 и си го осигура пласманот во следната фаза од шампионатот. Марио Гомез повторно беше херој на „Панцирите“ постигнувајќи ги двата погодоци и нанесувајќи им го вториот пораз во низа на Холанѓаните, коишто со наведнати глави го напуштија теренот, свесни дека се наоѓаат на прагот на елиминација од шампионатот на кој важеа за големи фаворити.
{youtube}j7si3DeAqmU{/youtube}
Објавено во соработка со Екипа.