Нема ништо поудобно и пријатно од летата и зимските одмори на село кај баба.
Се сеќаваме на оние моменти кога немавме трпение нашите мајки да ни го приготват багажот, за да не испратат онаму каде што постоеше целосна слобода, онаму каде што сите забрани завршуваа и започнуваше безгрижноста, каде оддалеку се чувствуваше мирисот на топлите мекици и домашните банички.
Трчавме боси по ливадите, баравме заборавени богатства на таванот,си игравме со мачки во слама, одевме километри пеш, крадевме од црешите на соседот, се враќавме од глава до пети во кал и гладни како аждери, а баба не чекаше со вкусна пилешка супа.
Наутро пак, дедо не будеше со гласно пуштена утринска програма, или со првите вести на македонското радио, па знаевме дека пред нас се отвора уште еден безгрижен ден, ден за кој потоа ќе зборуваме во писмените работи кога ќе се вратиме на училиште.
Некогаш во повеќето села имаше фурни за леб, каде доцна навечер или рано наутро се разнесуваше неверојатен мирис на тукушто печен леб. Да, никогаш нема да го заборавиме овој леб. Нема да ги заборавиме и доматите од градината и домашното сирење – омилената закуска од детството. Мирисот на сушени билки и липа, послана врз весниците. Свежо издоеното млеко рано наутро … А кога доаѓаше зимата и надвор доминираше белата боја , шпоретот на дрвја го рефлектираше огнот на таванот, а сето тоа изгледаше како една бајка.
Сигурни сме дека повеќето од вас се сеќаваат со солзи и насмевка за одморот кај баба и дедо. Затоа решивме да ве вратиме назад во времето на железните кревети, шпоретот на дрвја и домашниот сапун.
…Посветено на сите наши баби и дедовци…