„Потребни се два дена патување на исток за да се стигне од Ахрид (Охрид) до Бутили (Битола). Бутили е необичен и убав град“, напишал арапскиот патник Абу Абдулах Мухамед ал-Идриси во своите мемоари во 12 век.
И навистина, уште од најдамнешни времиња овој прекрасен македонски град крадел воздишки од неговите случајни и намерни посетители.
Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден и надградуван уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.
Традиционално силниот трговски центар, е познат и како град на конзулите поради тоа што во еден период за време на Отоманската империја, Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дуќани, а интересно е и тоа што покрај Сингер, во Битола уште во тоа време постоела фабрика за слатки.
Во Битола се снимени првите фотографии и филмови, благодарејќи на браќата Манаки. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни, многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат.
Очигледно, некои работи тешко се менуваат, па така ниту разните историски пресврти не успеале да ја избришат убавината на овој стар македонски град. Погледнете како изгледала Битола во времињата кои едвај се паметат…