На секои неколку години луѓето од Тораја во Јужен Сулавеси, Индонезија, ги ископуваат телата на нивните сакани починати предци. Сето ова е во рамките на еден ритуал наречен Ма’нене, или познат како церемонијата на чистење мртовци. Иако звучи морбидно и страшно, сепак тие на овој начин сакаат да ја искажат нивната љубов, почит и посветеност кон починатите дури и после нивната смрт.
За време на церемонијата мртвите ги капат, негуваат и пресоблекуваат во нови алишта.
Она што ја прави оваа церемонија на чистење на мртвите олеснувачка е фактот што во оваа област луѓето не ги закопуваат труповите во земја. Наместо тоа, тие ги сместуваат во некоја од околните пештери или пак во изделкан камен гроб. Така е полесен пристапот до телата на нивните најблиски кога ќе дојде времето за Ма’нене.
Потеклото на овој ритуал е базирано врз верувањата дека душите на мртвите мораат да се вратат назад во селото.
За време на церемонијата некои од роднините на мртвите ги шетаат нивните трупови низ селото.
Дури и телата на малите деца и бебиња се ископуваат за да „бидат дел“ од овој ритуал.
Во Тораја, ритуалот за мртвите се смета за најголем настан, поважен од сите останати празници и веселби, дури и од венчавките или пак од раѓањето на нови животи.
Без разлика на тоа што ваквите обичаи за нашите простори изгледаат незамисливо и чудно, сепак, жителите на ова индонезиско селце го прават со цел да им изразат почит на нивните сакани дури и после нивната смрт, факт што предизвикува восхит кај остатокот од светот.