Мечето е веројатно најпопуларната играчка во светот и едвај има некој кој како мал немал барем едно мече, што го милувал и го гушкал секоја вечер пред да заспие.
Во англиското говорно подрачје тоа се нарекува Teddy bear – мечето Теди. Приказната на оваа играчка е стара повеќе од еден век.
Во 1902 година американскиот претседател Теодор Рузвелт, нарекуван „Теди”, отишол на лов. Како што му доликува на толку висок ловец, мечката која требало да ја убие била однапред фатена, повредена и врзана за едно дрво. Претседателот сепак и го поштедил животот – односно не ја убил сам, туку наредил да ја убијат, за да не се мачи. Според историјата, следниот ден на насловната страница на весниците столело „Теди поштеди мечка”.
Инспириран од оваа приказна, сопругата на трговецот на играчки Морис Мичтам сошила едно кафеаво мече, го крстила Теди и го ставила во излогот на продавницата. Пред тоа лично претседателот добил копија од играчката и одобрил таа да го носи неговото име. Наскоро успехот на Теди бил толку голем што Мичтам основал цела компанија за производство на мечоци. Единствената грешка што ја направил била тоа што тој не го патентирал мечето и тоа овозможило производители од целиот свет да ја копираат играчката и нејзиното име.
Првата книга за мечето-играчка била издадена во 1907 година во САД. Од тогаш досега мечокот е херој на повеќе од 400 книги за деца, а најпознатата меѓу нив несомнено е „Мечето Пух” на А.А.Милн. Во 1909 година се појавува и првиот цртан филм за мечето. Во светот има околу 20 музеи специјално посветени на мечето Теди.
Мечето Теди продолжува да биде омилената играчка на малите и големите, а во текот на годините за него шијат облека најголемите модни куќи. Но и најскапиот примерок во музејот или дизајнерски мечок не чини колку нашето омилено мече од детството, првиот најдобар пријател.