Можат ли мајмуните да не научат да живееме во мир и ненасилство?

Една група на бабуни сведочи дека „мајмунската“ култура може драматично да се смени кон подобро.

Тепачките и борбите се честа појава кај бабуните. Не зборуваме за непријатели од конкурентските групи, туку за непријатели од „своите“ редови. Доминантните мажјаци постојано ги удираат и заплашуваат помалку доминантните членови на групата, меѓу кои се и женките и младите мајмунчиња. Оние пак, подредените, често се здружуваат и формираат алијанса за напад врз доминантните мајмуни и превземање на нивната позиција.

Има добра причина за таквиот ризик кај подредените. На доминантните мајмуни им е достапен најголем избор на женки за парење, но и најголем избор на храна. Ако другите бабуни од групата посегнат по нивните „ресурси“, тие ќе бидат инстантно казнети. Така, послабите учат да се држат настрана, што пак е директна причина за состојбите во споменатата група на бабуни.

Имено, токму бета-мажјаците биле оние што се држеле настрана од ѓубрето во еден туристички камп во Кенија за време на епидемијата на туберкулоза. Од друга страна, алфа-мажјаците биле оние што го приграбиле новото „богатство“ и оние што се инфицирале со болеста. За кратко време, доминантните мажјаци во групата изумреле.

Групата, позната како „Forest Troop“, се соочила со значајно редуцирана популација на мажјаци, но и на женки и младенчиња. Она што следувало бил масивен културен пресврт – голема промена во однесувањето и интеракцијата меѓу бабуните. Имено, борбите за доминација и заплашувањето заминале во историјата. Сеуште постоеле повремени конфликти, но насилството избледувало. На негово место, настапиле тимарењето и слични на него, позитивни социјални постапки. Бабуните во групата станале помирољубиви, покооперативни и воопшто, пољубезни.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Macaca_fuscata,_grooming,_Iwatayama,_20090201

Сето ова се случувало во раните 1980-ти. Тимот научници што ги следеле бабуните, во 2004-тата објави извештај, од кој јасно се гледа дека групата сеуште ги негувала мирољубивите начини на решавање на проблемите. Во меѓувреме, нови мажјаци се приклучиле на семејството, а оние што ја преживеале епидемијата изумреле. И покрај тоа, новодојденците не ги промениле интеракциите меѓу членовите. Напротив, тие биле асимилирани кон мирољубивата култура и продолжиле да ги негуваат традициите воспоставени по елиминацијата на најдоминантните мажјаци за време на епидемијата.

Од овој пример, се чини дека отсуството на насилните води кон трајна промена кон подобро, кон мир. Човек не може, а да не се замисли. Сепак, тие се мајмуни, а ние сме луѓе. Од друга страна, се чини дека е редно човештвото да се потруди во тој правец. Се разбира, не зборуваме за масовен масакр, туку за мирољубиви начини со кои би ги претвориле насилниците во наши пријатели, а не наши непријатели.

- Реклама -