Статистиката знае да биде мошне забавна.
Доказ за тоа е веб-сајтот на Тајлер Виген, самопрогласен влубеник во науката и откривањето. Тој ја креирал страната со цел да ја претстави веселата страна на взаемните поврзаности, статистики и нумеричките истражувања.
Така, тој ги спореди статистичките трендови на навидум поврзани, но никако и каузални случувања.
На пример, статистиката вели дека што повеќе пари САД трошат на наука, вселенски истражувања и технологија, толку повеќе луѓе се самоубиваат со бесење, давење и гушење.
Исто така, бројот на луѓе кои умираат давејќи се во базен кореспондира со бројот на филмови во кои се појавил Николас Кејџ.
Апсурдот и хуморот одат чекор понатаму во следниот график. Се чини дека што повеќе маргарин се јаде во Мејн, толку повеќе разводи има.
Од друга страна, колку помалку мед продуцираат пчелите на ниво на САД, толку повеќе млади луѓе се уапсени за поседување на марихуана.
Ако сакате вашето дете да стане доктор по цивилно инженерство, подобро е да гo храните со моцарела.
Некои од статистичките поврзаности се и доста логични. Што повеќе луѓе играат аркадни игри во САД, толку повеќе експерти по компјутерска наука има.
Некои одат до другата крајност. На пример, колку повеќе сирење конзумираат Кинезите, по жител, толку повеќе луѓе умираат заплеткувајќи се во постелнината на своите кревети. Патем, може ли некој да објасни како им успева, и како тоа бројот на вакви смртни случаи се зголемува?