Водата на нашата планета е постара дури и од Сонцето и постоела уште во облакот од вселенски прав од кој се обликувал Сончевиот систем, покажува истражувањето, цитирано од LiveScience.
Според научниците, водата е честа појава во вселената и учествува во формирањето на планети и планетарни системи низ целиот Млечен пат. Тоа дава надеж дека и на друго место во галаксијата може да има планета како нашата со вода во течна состојба.
Меѓуѕвездените ледени честички, за чудо, преживеале при пресвртите во кои се родило нашето Сонце и така станало дел од Земјата, но и од Плутон, од сопатникот на Јупитер – Европа, но и од многу други небесни тела.
„Тоа е многу возбудливо ако се има во предвид бројот на планети надвор од Сончевиот систем, кои сме ги откриле досега. Тие исто така имале пристап до еден многу богат извор на животворна вода”, објаснува Илзе Кијвс од Универзитетот во Мичиген.
Уште неколку неодамнешни истражувања покажаа дека во меѓуѕвездениот простор се откриваат и сложени органски молекули, како оние на цијанидот. Тоа значи дека во маглината на Млечниот пат има доволно различни хемиски материи што овозможуваат да настане живот на планетите во текот на нивното формирање, онака како што тоа се случило и на Земјата.