Селекцијата што ќе стане европски првак би можела да заработи дури 23,5 милиони евра, доколку успее да слави на сите натпревари од овој шампионат.
Ова се резултатите од пресметките направени откако УЕФА ги обелодени висините на паричните награди за репрезентациите учеснички на ЕП 2012, коишто добро ќе заработат во случај на серија позитивни резултати на елитниот европски фудбалски собир.
Фудбалските федерации на шеснаесетте земји што ќе учествуваат на ЕП 2012 веќе инкасираа по осум милиони евра со самиот пласман на ова натпреварување, сума што дополнително ќе се зголеми со секој освоен бод на шампионатот.
Имено, секоја победа во фазата по групи ќе значи и инкасирање на дополнителни милион евра, додека евентуално реми ќе значи заработка од 500.000 евра. Самиот пласман во четвртфиналето носи премија од два милиони евра, додека третопласираните селекции од групите како утешна награда ќе добијат по еден милион евра.
Победниците во четвртфиналните средби ќе заработат по дополнителни два милиони евра за самиот пласман во полуфиналето, а триумфот во тој меч и пласманот во големото финале ќе им донесе 4,5 милиони евра. Победникот во финалето ќе добие уште 7,5 милиони евра и многу добро ќе го наплати својот успех на овој шампионат.
Интересно е што УЕФА ќе им подели само 20% од вкупната заработка (1,3 милијарди евра) на репрезентациите кои учествуваат на ова европско првенство.
Објавено во соработка со Екипа.