Greenpeace: облеката на светските брендови е токсична

Траги од токсични хемикалии штетни по здравјето на човекот се пронајдени во детска облека и облека која ја прозведуваат десетина светски познати брендови, соопшти меѓународната еколошка организација Greenpeace.

Во најновото истражување на оваа организација, откриено е дека барем еден артикл од испитуваните брендови содржи хемикалии кои „можат да имаат штетни последици по репродуктивниот, хормоналниот или имуниот систем на луѓето“.

Greenpeace и порано доаѓаше до слични откритија, а во 2012 ја одржа и „токсичната модна ревија“ во Пекинг, за да го привлече вниманието на јавноста кон тврдењето дека две третини од парчињата облека содржат штетни хемикалии.

Во последното истражување, Greenpeace спроведе анализа на 82 производи од 12 различни земји, додека најголем број од тие производи (29) потекнуваат од Кина.

Од тестираните производи, кај 50 артикли (што изнесува 61%) е откриена супстанцата нонилфенол, која според зборовите на претставниците на Greenpeace може да предизвика пореметување во работата на хормоните.

„Овие мали хемиски чудовишта може да се најдат секаде, од ексклузивната и луксузно дизајнирана облека, сѐ до поевтините парчиња. Време е брендовите да престанат да ги користат тие чудовишта“, вели Чин Ан Ли, која учествува во „Кампањата за детоксикација“ на Greenpeace во источна Азија

Таа додава дека родителите кои купуваат облека за децата и љубителите на модата со кревање на својот глас можат да помогнат да заврши „кошмарот со брендовите кои трујат и загадуваат“. Поради глобалниот притисок, дел од најголемите светски модни брендови веќе ја прифатиле кампањата за детоксикација и вовеле засилена контрола за токсичноста на облеката.

- Реклама -