Светла во боја, примамливи звуци, гламур, дури и самата архитектура… Ова се само дел од триковите што казината ги користат за да ве намамат да се коцкате.
Vox интервјуираше неколку експерти од областа за да објаснат што е тоа што ги прави слот-машините толку заразни. Секој што седнал знае – планот секогаш е да си ја пробате среќата и да станете за максимум неколку минути. Па сепак, на слот-машината останувате далеку подолго отколку што сте свесни.
„Коцкарската индустрија сфати дека најголемиот профит доаѓа од тоа што луѓето седнуваат на слот-машините и играат со часови. Во нивните кругови, тоа се нарекува „Costco модел на коцкање“. Знаејќи го тоа, машините се така дизајнирани за да го максимизираат времето потрошено на нив“, објаснува Шул, еден од експертите.
Ова особено цвета во ерата на компјутеризираните слот-машини. Порано, ќе повлечевте рачка и или ќе победевте, или ќе изгубевте – а кога луѓето губат, тие си заминуваат.
Денешните машини се далеку понапредни и посложени. Наместо една линија, денес имаме мулти-линеарни машини со повеќе од 200 линии на видео екранот. Нагоре, надоле, дијагонално, странично – секоја со извесна шанса за добивка. Така на пример, некој може да се обложи на 70 центи и да добие на 35 од линиите, враќајќи 35 центи од загубата. Но, мозокот ова го регистрира како делумна добивка/победа, а тоа е нешто што секогаш ќе ви го зароби вниманието.
„Лабораториските истражувања покажуваат дека она што луѓето го доживуваат во нивните мозоци во ваквите моменти е идентично со искусувањето на победа“, вели Шул. Од друга страна, економските истражувања покажуваат дека денешните мултилинеарни слот-машини се далеку поефикасни во земањето на парите од играчите, отколку нивните претходници.
Па така, запрашајте се колку навистина победувате кога играте на овие машини. А кога вашиот мозок ќе ви одговори дека ви оди добро, знајте дека лаже, затоа што е подложен на манипулации.