Оклахома во големото НБА финале

Оклахома Сити Тандер е првиот финалист во НБА лигата, откако овоj тим беше крунисан како најдобар во Западната конференција по четвртиот триумф во низа над Сан Антонио Спарс.

Иако на полувреме имаа негатива од 15 поени (63:48), Кевин Дурент и неговите соиграчи одиграа фуриозно второ полувреме, направија целосен резултатски пресврт и на крајот заслужено се радуваа на победата од 107:99.

Токму Дурент одигра фантастично, придонесувајќи со 34 поени и 14 скокови во големиот триумф со којшто Тандер конечно стигнаа до големото финале и ќе имаат можност да се борат за големиот пехар. Расел Вестбрук постигна 25 поени, осум скокови и пет асистенции, додека Џејмс Харден одлично ги искористи минутите на теренот реализирајќи 16 поени и четири асистенции.

„Уште еднаш покажавме дека сме тим што игра „машки“, што се бори буквално за секоја топка, но и што е поврзан како едно семејство. Токму таа поврзаност ни овозможи да ја надополниме негативата од првото полувреме и да направиме пресврт. Не бевме нервозни во соблекувалната на паузата, едноставно знаевме што треба да се стори за да се вратиме во мечот и кошаркарите го направија токму тоа“ истакна Скот Брукс, тренерот на Оклахома Сити.

{youtube}oEbg_dYyaWE{/youtube}

Тони Паркер беше одличен во тимот на Сан Антонио, но ниту неговите 29 поени и 12 асистенции не помогнаа за Спарс да возвратат за поразот на домашен терен од пред неколку дена.

„Немаме на што да се жалиме. Игравме одлично цела сезона, долго време бевме непобедливи и во плејофот, но не успеавме да најдеме начин да ги минеме овие момци. Им честитам и им посакувам многу среќа во финалето“  спортски изјави Ману Џинобили.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -