Подготовка за градинка: 7 чекори до првото одвојување од родителите без солзи

Почетоците на одење во градинка носи голема промена во животот на детето.

Од безбедна и сигурна околина детето доаѓа во нова и непозната, а грижата за него ја превземаат лица кои не му се блиски. И додека од една страна новоста ќе ги привлече, ќе биде интересна и ќе ги повика на истражување, во исто време ќе донесе и одредена непријатност, претпазливост, можеби страв или одбивање. Дознајте како одењето во градинка можете да го направите помалку стресно за вашето дете и како да му помогнете ако забележите потешкотии во прилагодувањето.

Детето тешко може да разбере зошто доаѓа до промена и зошто мора да се одвои од неговите блиски и значајни личности. Затоа, доаѓањето во нова и непозната средина за детето, секако, носи стрес и непријатност.

Како да го подготвите детето да оди во градинка?

Своето дете можете да почнете да го подготвувате за градинка неколку недели пред поаѓањето. Секој разговор и подготовка прилагодете ја на личноста на вашето дете и возраста.

 

1. Покажете му на вашето дете дека сте горди што е доволно големо да може да оди во градинка и да биде таму без вас.

2. Претставете ја градинката на детето на позитивен начин. Зборувајте му за градинката како некое интересно и забавно место каде ќе си игра, запознава нови пријатели. Зборувајте му за разните активности во кое ќе биде вклучено. Зборувајте позитивно и оптимистички, но и реално! Читајте книги за деца кои посетуваат градинка, разговарајте за неговите браќа и сестри, врсници, кои веќе посетуваат градинка.

3. Донесете го детето во градинката пред да започне со прилагодувањето, покажете му како градинката (или нејзиниот двор) изгледа. Нека види како децата си играат во неа.

4. Научете го детето на самосталност во исхраната, облекувањето, одржувањето на хигиена и дајте му можност за избор. Научете го детето да избира меѓу две играчки со кои може да си игра или две маици кои ќе ги носи.

5. Научете го детето на соработка, трпение и споделување. Играјте некоја игра со него која вклучува чекање на својот ред (на пр. редење тули или сложувалка). Заеднички направете некои задачи.

6. Ако немате цврста структура и семеен распоред, почнете по малку да внесувате организација во животот на детето: одредете време кога треба да јаде, кога се читаат приказни, кога се игра, кога се спие.

7. Овозможете му на детето средби со други деца. Вклучете го во игра и дружење со врсниците, организирајте дружење со нив…

 

- Реклама -