Шест лица се онесвестија за време на проекцијата на канадскиот филм “Малата кралица” (La Petite Reine), кој вчера вечерта беше претставен на Фестивалот на франкофонски филм во Ангулема, во југозападниот дел на Франција.
Како што објавија локалните медиуми, шест лица се онесвестиле, а десетмина изјавиле дека не се чувствуваат добро за време на сцената во која актерката самата си вбризгува крв и средства за допинг.
Само една помлада девојка завршила во болница, додека сите останати биле пуштени на домашно лекување откако им била укажана помош на лице место.
Проекцијата на филмот била прекината, а гледачите биле евакуирани од салата како мерка за претпазливост.
„Малата кралица“ е спортска драма, дело на режисерот Алексис Дуран-Броа, во која се раскажува за велосипедистка која жртвува се за кариерата, но и за нејзиниот колапс откако ќе се открие дека користела допинг.