Некои од најпознатите сцени од филмската историја биле снимени во Грција, на локации кои се познати како одлични летни туристички центри.
Денес ќе ви пренесеме само мал дел од таа листа.
Мама Миа!
Ова е најуспешниот филм што некогаш е снимен во Грција. Мјузиклот снимен со песните од АББА претставува безвременски хит (особено кај женската популација) и е снимен на неколку локации на Скијатос, Скопелос и Волос. За време на летната сезона, можете да го погледнете филмот во отвореното кино во градот Скијатос или пак да отидете на тура со бродот „Калипсо“, на кој се снимени дел од сцените од филмот.
Гркот Зорба
Класиката од 1964, со Антони Квин во главната улога, во која се истакнуваат позитивните аспекти од животот, е снимена на живописниот Крит. Секој што имал можност да го погледне овој филм ќе се сети на легендарната сцена во која двата главни ликови играат сиртаки на една од критските плажи.
Летни љубовници
Романтичната драма со Дерил Хана и Питер Галагер претставува силна приказна со неколку еротски елементи, но пред сѐ – фантастични кадри од повеќе летувалишта во Грција. Иако режисерот на филмот се решил да собере повеќе локации од различни острови и да ги претстави како еден голем „супер остров“, сепак доминираат пејзажите од незаборавниот Санторини.
Мандолината на Капетан Корели
Воената драма со Николас Кејџ и Пенелопе Круз во главните улоги го претставува животот на јонскиот остров Кефалонија, за време на втората светска војна. Ако одите на одмор на Лефкада, појдете на турата „4 острови“ и ќе посетите една од главните локации каде што бил сниман овој возбудлив филм.
Големото Синило
Филмот на Лук Бесон, со Жан Рено во главната улога, раскажува приказна за двајца нуркачи кои се обидуваат да го срушат рекордот за најголема длабочина постигната без нуркачка опрема. Снимен е на островот Алонисос, кој заедно со Скијатос и Скопелос го сочинува архипелагот Северни Споради.
Текстот е објавен во соработка со iguana.com.mk.