Клосе се повлече од репрезентацијата на Германија

Најдобриот стрелец на светските првенства, Мирослав Клосе попладнево соопшти дека одлучил да стави крај на репрезентативната кариера.

Напаѓачот, кој го сруши рекордот на Роналдо со двата погодоци што ги постигна ова лето на мундијалот во Бразил, вели дека по трумфот на СП 2014 дошол правиот момент да се повлече од репрезентацијата на Германија.

36 годишниот Мирослав Клосе, кој има 137 настапи за ’Панцирите’ за Фудбалската Федерација на Германија, рече: „Со титулата во Бразил, ми се оствари детскиот сон”.

„Горд сум и среќен што успеав да дадам допринос за успехот на Германија. Имав уникатно и прекрасно време, како и многу убави спомени во националниот дрес”.

„Ова е правиот момент да се повлечам”.

Клосе, кој со 71 погодок е најдобар стрелец на Германија, додава: „Успехот на тимот за мене секогаш беше топ приоритет”.

„Но секако, покрај достигнувањата на репрезентацијата, јас забележав и некој лични достигнувања”.

„Сите што ме познааваат, знаат дека сум многу амбициозен. Напаѓач сум, и моја работа е да постигнувам погодоци. Но не за да рушам рекорди, туку за да му помогнам на тимот”.

„Како напаѓач, секогаш зависам од играта на моите соиграчи, па затоа сакам да им се заблагодарам на сите колеги од националниот тим, без нив немаше да успеам”.

„Сакам да им се заблагодарам и на сите во федерацијата, на целиот персонал во репрезентацијата, на фановите и на тројцата селектори со кои соработував”.

„Сакам особено да му се заблагодарам на Јоаким Лев, кој секогаш имаше потполна доверба во мене”.

Клосе својот прв натпревар за Германија го одигра во март 2001 против Албанија, натпревар на кој во 88. минуга го постигна победоносниот гол.

13 години го носеше дресот на ’Панцирите’, настапи на четири светски првенства и на три европски шампионати.

Текстот е објавен во соработка со 24fudbal.com.mk

- Реклама -